Skip to main content Skip to footer

Свечено одбележан јубилејот – 20 години Комора на извршители на Република Северна Македонија

Комората на извршители на Република Северна Македонија на 5 јуни 2026 година со свечена академија го одбележа значајниот јубилеј – 20 години од своето основање и успешно функционирање.

Настанот, кој се одржа во хотел „Лимак“ во Скопје, обедини бројни гости од земјата и странство – претставници на државните институции, правосудството, академската заедница, како и претставници на коморите на извршители од земјите во регионот и претставници на Меѓународната унија на судски извршители (МУСИ). Нивното присуство претставува потврда за успешната меѓународна соработка, професионалното партнерство и заедничката посветеност кон унапредување на извршителската професија.

Во рамките на свечената академија свои обраќања имаа претседателката на Комората на извршители на Република Северна Македонија, Весна Деловска, заменик-министерот за правда, Ален Деребан, претседателот на Меѓународната унија на судски извршители (МУСИ), Marc Schmitz, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски, како и првиот потпретседател на МУСИ, Jos Uitdehaag. Свеченоста започна со интонирање на државната химна во изведба на оперскиот пејач Борис Трајанов.

Одбележувањето на дваесетгодишниот јубилеј беше можност да се направи осврт на развојот на Комората, на постигнатите резултати во изминатите две децении и на придонесот на извршителите во обезбедувањето ефикасна правна заштита и владеење на правото. Воедно, беше истакната определбата за натамошно унапредување на професионалните стандарди, јакнење на институционалната соработка и продолжување на активната меѓународна соработка со сродните организации и институции.

Свечената академија помина во духот на заедништво, професионализам и почит кон досегашните достигнувања, испраќајќи силна порака дека Комората на извршители ќе продолжи да биде значаен чинител во развојот на правниот систем и владеењето на правото во Република Северна Македонија.

Поставки за колачиња

Оваа веб страна користи "колачиња" за да го подобри корисничкото искуство. Со кликнување на "Прифати", се согласувате со употребата на ЗАДОЛЖИТЕЛНИ "колачиња".
За повеќе информации, кликнете на следниот Приватност