Skip to main content Skip to footer

Примена на безбедносен протокол е повеќе од потребно – Јос Уитдехааг, правен консултант и прв квестор на Комитетот на Меѓународната унија

На меѓународната конференција на тема „Актуелни правни ризици и предизвици во извршувањето“, во организација на Комората на извршители на Република Македонија, холандскиот правен консултант и прв квестор на Комитетот на Меѓународната унија, Јос Уитдехааг, говореше за правната положба, заштитата и протоколите за безбедност на извршителската канцеларија.

На почетокот од своето излагање, Уитдехааг истакна дека клучно за извршителската професија е таа да се врши од извршители чиј статус и одговорност се доследно регулирани со законските прописи што професијата ја вршат, почитувајќи ги и применувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди, засновани на правничко знаење, достоинство и чест.

Покрај поседувањето на професионалните квалитети, подвлече Уитдехааг, за квалитетно вршење на професијата, извршителот потребно е својата дејност да ја фокусира и кон тековното работење, насочена кон принципи и практики, кои првенствено се однесуваат на прашањата за менаџирањето на ресурсите, управувањето со канцелариското работење, детектирањето на потенцијалните ризици, како и на прашањата за безбедноста, превенцијата и санкциите од евентуалната агресија.
– Извршителот треба навремено да ги утврди потребните ресурси во канцеларијата, а во согласност со неопходниот план на активности поврзани со спроведувањето на извршната постапка. Таквиот план треба да ги вклучува сите процеси во канцеларијата, а кои поконкретно се однесуваат на човечките ресурси, анализата, евалуацијата, информатичката технологија и процената на ризиците, истакна Уитдехааг.

Во таа насока, тој истакна дека извршителите мора да бидат свесни за ризиците во рамки на своето практично дејствување. Процената на ризикот, подвлече Уитдехааг, е еден од клучните фактори за ефикасно вршење на професијата. Оттука, потребен е редовен мониторинг на процесите на работа и увидување и предупредување за можните грешки во тековното работење. Мониторингот, нагласи Уитдехааг, е дел од работниот процес и тој не претставува критика.
Првиот квестор на Комитетот на Меѓународната унија посочи дека извршителите во своето работење особено треба да посветат внимание и на прашањата поврзани со управувањето на предметите, проверката на клучните активности, обемот на работа и односот кон доверителите. Мошне важен сегмент во работата на извршителите, додаде тој, е и следењето на политиката на квалитет во интерното работење на извршителската канцеларија.

Во однос ова прашање, Уитдехааг образложи дека извршителот мора да ги следи барањата, интересите и очекувањата на сите заинтересирани страни и вклучени страни во работниот и деловниот процес, законските барања и потребите од подобрување на работниот процес во рамки на самата канцеларија, потоа потребата за спроведување нови информатички технологии, како и анализа на потребите што се однесуваат на канцелариското работење, за кои и вработените во канцеларијата даваат свои предлози. За овие предлози, рече холандскиот експерт, извршителот секогаш треба да се посвети внимание.

Извршителот претставува и администратор на лични податоци, посочи Уитдехааг. За да ги задржи службените и комерцијалните тајни и да ги почитува правата на доверителите, тој мора да воведе внатрешни процедури во кои ќе биде нагласена одговорноста на вработените за почитување на правилата и обврските што се однесуваат на заштитата на информациите.
Во своето понатамошно излагање, Уитдехааг се осврна и на прашањето за безбедноста во извршителските канцеларии. Во таа насока, тој говореше за протоколот за безбедност, односно протоколот за заштита од агресија, кој претставува облигаторен документ и прирачник за тоа како извршителите да се однесуваат во случај на агресија. Овој протокол, подвлече Уитдехааг, е имплементиран во Холандија и вклучува правила на однесување на вработените во канцеларијата и како да постапуваат во случај на нарушување на безбедноста, клучните точки за тоа како да се реагира на агресивни ситуации и процедурите и санкциите што треба да се преземат во случаи на евентуалните агресивни ситуации и нарушување на безбедноста на извршителот.
– Во Холандија извршителите поминуваа обука, која се однесуваше на безбедноста. Имено, тоа се курсеви и практични обуки посветени на безбедноста и спречувањето на агресија и за таа цел извршителите се обучуваа од страна на полициската академија. Извршителите треба да знаат како да се справат во таквите случаи. Голема одговорност е и се работи за навистина сериозно прашање. Но и понатаму, треба повеќе да се обезбеди заштита за оваа професија. Продолжуваме со сериозниот пристап кон овој проблем – нагласи Уитдехааг.

Познатиот холандски експерт додаде дека сите инциденти поврзани со извршителите се евидентираат во „Црна книга“ и таквата евиденција понатаму служи за анализа на случаите на агресија со што се создаваат можности за пронаоѓање соодветни решенија во врска со слабостите и подобрувањето на системот за безбедност. Во таа насока, рече холандскиот експерт, се организираат и понатамошни обуки и работилници, на кои се истакнуваат и барањата за воведување и видеонадзор на самите извршителски канцеларии, за што се изнаоѓаат и балансирани решенија помеѓу заштитата на личните податоци и потребата за безбедносното снимање.

 

 

Поставки за колачиња

Оваа веб страна користи "колачиња" за да го подобри корисничкото искуство. Со кликнување на "Прифати", се согласувате со употребата на ЗАДОЛЖИТЕЛНИ "колачиња".
За повеќе информации, кликнете на следниот Приватност