СЕМИНАР НА ИЗВРШИТЕЛИ: Eксперти од регионов дебатираа на теми од областа на извршувањето
Извршители од повеќе држави од регионот, високи претставници на македонското правосудство и универзитетски професори изминатиов викенд зедоа учество на семинарот кој во организација на Комората на извршители на Македонија (КИРМ) се одржа во Ниш, Република Србија. Извршување врз фидуцијарна сопственост, Примена на начелото на судење во разумен рок во извршувањето, Извршување врз основа на веродостојни исправа од страна на приватен извршител во Србија, Злоупотреба на правата на странките во извршувањето… – беа дел од темите на кои се говореше во рамки на настанот.Прашањата поврзани со обезбедување на побарувања со пренос на сопственост на предмети и пренос на права со посебен осврт на остварувањето на правото на доверителот во случај на задоцнување на должникот преку извршител пред присутните подробно ги објасни проф. д-р Арсен Јаневски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.