Објаснување на измените на Законот за парничната постапка
Со членот 16 од Предлогот на закон се прават измени и дополнувања на членот 217 од Законот за парничната постапка, така што освен за исправите, одредбите на овој член се однесуваат и за документите. Се пропишува дека ако исправата или документот се наоѓаат кај другата странка или кај трето лице, а самата странка не може да издејствува истите да и се предадат или покажат, судот може да наложи на другата странка или на третото лице да ги достават исправите или документите кои се наоѓаат кај нив, а на кои странката се повикала.
Со членот 17 од Предлогот на закон се додаваат четири нови члена: 217-а, 217-б, 217-в и 217-г. Со нив се уредува начинот на кој странките го остваруваат своето право да дојдат до документите кои им се потребни во парничната постапка а кои се наоѓаат кај спротивната странка или кај трето лице, и како судот постапува по барањето на странка. Воедно се пропишуваат и одредби со кои се прави заштита од злоупотреби и ограничување на пристапот до документ.
Со членот 19 од Предлогот на закон се менува членот 244 од Законот за парничната постапка. Согласно овие измени, странката, нејзиниот законски застапник или полномошник, има право непосредно, без претходна дозвола од судот, да му поставува прашања и да бара објаснувања вештакот во поглед на дадениот стручен наод и меислење. Дури откако странките ќе го искористат ова законско право, судот може да му поставува прашања на вештакот и да бара објаснувања во поглед на дадениот стручен наод и мислење.