Спојот на младоста и искуството гарантира дека извршителската професија ќе продолжи успешно да се развива — Зоран Петрески, новиот претседател на КИРМ
Досегашниот претседател Гордан Станковиќ, кој и понатаму директно ќе биде вклучен во активностите на Комората како член на новиот Управен одбор, „клучот“ од Комората, како што на шега вели, му го предава со „весело срце“ и со порака за понатамошни заложби за унапредување на улогата на извршителството.
„Мојата препорака до новиот претседател Зоран Петрески е да продолжи со развивање и унапредување на улогата на извршителството и на извршителската Комора, како и со настојувањето на Комората да даде свој придонес во развивање на правната држава и развивање на принципот владеење на правото. Во таа смисла, Комората на извршителите на РМ има значајна улога во однос на подобрувањето на законската регулатива и во подобрувањето на подзаконските акти, но исто така и во правилното и навремено извршување на судските одлуки, контролата врз работата на извршителите и крајно – односот со јавноста преку нејзина едукација и запознавање со извршувањето и обврските што произлегуваат за граѓаните од судските одлуки“, потенцира Станковиќ.