Последниве 9 месеци наплатени околу 73 милиони евра
Последниве 8 години преку системот на извршување, кој Македонија го воведе во 2006 година, се наплатиле над половина милијарда евра. Што се однесува конкретно на бројките од годинава, пак, од Комората на извршители на РМ (КИРМ), посочуваат дека се подобрува финансиската дисциплина во државата, а извршувањето бележи пад, тренд што се очекува да се задржи и во иднина. Осврнувајќи се на проблемите, коишто се јавуваат во постапката на извршување и на кои постојано се жалат должниците, а истовремено им создаваат главоболки и на извршителите, од Комората уверуваат дека ќе се надминат со донесувањето на новиот Закон за извршување, кој веќе 4 години е заглавен во институционалните лавиринти.
За разлика од лани, кога наплатата од извршување достигнала до 127 милиони евра, годинава, односно заклучно со септември, оваа бројка изнесува околу 73 милиони евра. Процентот на реализација е 33,38%, а извршени се 85.538 наплати од граѓани, 17.559 од фирми и 3.505 од државни органи. Според извештајот на КИРМ, што се однесува на работата на извршителите за овие три квартали, најголем број од должниците и понатаму се граѓаните, од кои се наплатени околу 21 милиони евра, додека на второ место се фирмите, од кои се наплатени најмногу пари, околу 43 милиони евра. Од органите на државата, врз основа на долг, извршителите прибрале 9,2 милиони евра. На листата на државни фирми, најголем должник останува „Македонија пат“. Најмногу средства се извршени во Скопје, а најмалку во Кочани, Берово, Виница и Делчево.