Објаснување на измените на Законот за парничната постапка
Со членот 21 од Предлогот на закон се менува и дополнува членот 287 од Законот за парничната постапка. Така, се пропишува дека странката, нејзиниот законски застапник или полномошник има право непосредно да им поставува прашања на сведоците, вештаците и на странките. Со ваквото решение се зголемува активната улога на странките во постапката и се зголемува нивната одговорност за успехот во спорот. Воедно се регулира редоследот по кој странките го остваруваат ова законско право. Согласно новите законски решенија, само кога странката, нејзиниот законски застапник или полномошник ќе заврши со поставување на прашања, претседателот на советот може да поставува прашања на сведокот, вештакот или странката, а потоа и членовите на советот можат непосредно да му поставуваат прашања.
Со членот 25 се врши изменување и дополнување на членот 343 став (2) од Законот за парничната постапка со две нови точки 16 и 17. Се пропишува дека суштествена повреда на одредбите од парничната постапка постои и ако спротивно на одредбите на овој закон, судот го повредил правото на странка на поставување на прашања на противната странка, на сведоците и на вештаците. Со ова решение се заштитува правото на странките, нивните законски застапници или полномошници непосредно да поставуваат прашања на сведоци вештаци и странки во постапката. Суштествена повреда на одредбите од парничната постапка е направена и кога рочиштето не било тонски снимено.
Со членот 26 се дополнува членот 348 став (3) од Законот за парничната постапка, и се предвидува дека ненавремено поднесениот одговор на жалба се доставува и до спротивната странка. Ваквото решение е резултат од заклучокот на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, а во врска со пресуда на Европскиот суд со која е пресудено тужената Република Македонија да исплати оштета на тужителот, со која е утврдена повреда на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.