Објаснување на измените на Законот за парничната постапка
Со членот 42 од Предлогот на закон се додава нов наслов: Постапка по приговор по нотарски платен налог и се додаваат три нови члена 428-а, 428-б и 428-в. Со членот 428-а се определува дека по приговор на решението за издавање на нотарски платен налог одлучува надлежен суд согласно одредбите од законот, и дека нотарот е должен предметот со сите списи да ги достави до надлежниот основен суд во рок од три дена од денот на приемот на приговорот. Ненавремените, нецелосните или недозволените приговори на нотарскиот платен налог, ќе ги отфрли судијата поединец, односно претседателот на советот без одржување на рочиште. Со членот 428-б се пропишува дека против решението на нотарот за издавање на нотарски платен налог по одлуката за трошоците како и против одлуката на нотарот по предлогот за укинување на клаузулата на правосилност и извршност, дозволен е приговор во рок од осум дена, преку нотарот до основниот суд на чие подрачје е седиштето на нотарот.
Со членот 428-в се пропишува дека постапката по приговор на решението за издавање на нотарски платен налог мора да заврши во рок од шест месеци од денот на приемот на предметот во судот. Второстепениот суд е должен да донесе одлука по жалба поднесена против одлука на првостепениот суд во рок од 30 дена. Со вака пропишаните рокови се обезбедува брзо и ефикасно постапување на судовите во оваа постапка.
Со членот 43 од Предлогот на закон се прави измена во постапката по спорови од мала вредност преку зголемување на износот на побарувањето во пари во членот 430 став (1) од постојниот закон од 180.000 на 600.000 денари. Со ваквата измена, спорови од мала вредност се спорови во кои тужбеното барање се однесува на побарување во пари кое не го надминува износот од 600.000 денари.