Објаснување на измените на Законот за парничната постапка
Со членовите 44 и 45 од Предлогот на закон се менуваат членовите 432 и 435 став (1) и (2) од постојниот закон во насока на усогласување со предложените измени во членот 430 став (1).
Со членот 46 од Предлогот на закон се усогласува постојниот член со предложените измени во членот 430 став 1, односно поради зголемување на вредноста на споровите од мала вредност се дава можност пресудата или решението со кое се завршува спорот да може да се побива и поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба.
Со членот 47 од Предлогот на закон се менува и дополнува членот 461 од Законот за парничната постапка, и се пропишува дека во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. Доколку медијацијата не успеала, при поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи писмен доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал, а во спротивно судот ќе ја отфрли.