Новиот Закон за извршување има значајни промени во статусниот и во процесниот дел – ГОРДАН СТАНКОВИЌ
Во врска со процесниот дел во Законот, извршителот посочува дека промени постојат во однос на извршувањето врз подвижни предмети, како и промени во однос на извршувањето на недвижностите, каде што извршителот веќе не одлучува дали ќе се одржува јавно наддавање или непосредна продажба бидејќи сега Законот го фиксира тоа.
„Кај недвижностите има промени во однос на огласувањето. Третата јавна продажба отпадна, сега таа не постои, туку постои рок во кој извршителот по предлог на доверителот може да спроведе непосредна продажба во рок од 60 дена од втората јавна продажба. Условно кажано, тоа значи дека, ако досега постапката можеше да се завлече и до 14-15 месеци, сега, веројатно, тоа би можело да се лимитира некаде на три до четири месеци. Во тој поглед, добро е што се скусени роковите. Исто така, скусен е и рокот за иселување на должникот кој домува во продадениот објект од 60 на 30 дена. Она што е интересно, а што малку беше коментирано во стручната јавност, е што порано во Законот немаше предвидено процедура за тоа како спроведува физичка делба извршителот. Тоа што го имавме беше како постапува извршителот во случај на граѓанска делба, а не и на фактичка физичка делба. Но, со новиот закон сега и тоа е пополнето“, истакнува извршителот Станковиќ.