Зоран Петрески: Летуваат во луксуз, а алиментација плаќаат само преку извршител
ПЕТРЕСКИ: Постојат такви случаи, иако многу малку тие како што веќе спомнав полесно добиваат на гласност. Причините се повеќе, но најчести се кога граѓанинот ја променил адресата на живеење односно правното лице своето седиште и за тоа не го известиле МВР или доверителот, најчесто комунално претпријатие. Дополнително често странките знаат да ги занемарат известувањата од поштата или приватните доставни служби за тоа дека има допис до нив и си велат јас не сум добил ништо на рака. Сето тоа резултира со изненаденост дека сметката е блокирана.
Не велам дека не се случуваат грешки и кај Судот и кај нотарите и кај извршителите, но вообичаено по приговор за неуредна достава овие предмети се запираат, односно се враќаат назад на повторно процесуирање.
ПРЕС24: Претпоставувам дека сте ги слушнале обвинувањата од типот „нотарот не те известил за да завршиш кај извршител“. Постои ли спрега меѓу нотари и извршители?
ПЕТРЕСКИ: Апсолутно не. Таква спрега е невозможна. Вакви обвинувања има и за судовите дека должниците не знаеле дека некој ги тужел. Нотарот или Судот во моментот на донесувањето на извршната исправа нема претстава дали истата ќе стигне кај извршител, нема претстава ниту кога таа ќе биде дадена на извршител, уште помалку знае кај кој извршител таа ќе биде дадена, така што спрега помеѓу Нотар и Извршител како и помеѓу Судија и извршител невозможно е да има. Воедно сите три професии работиме според строго определени законски прописи кои оневозможуваат било какви манипулации истовремено овозможувајќи на секоја странка да ги заштити своите права.
ПРЕС24: Некаде прочитав бројка дека последните години биле спроведени околу 900.000 извршни предмети. Не е ли тоа голема бројка?