Зоран Петрески: Летуваат во луксуз, а алиментација плаќаат само преку извршител
ПЕТРЕСКИ: Во изминатите 10 години во сите канцеларии во Република Македонија се примени вкупно 895 224 барања за извршувања. Во просек во последните неколку години примаме околу 150 000 предмети годишно и таа бројка се намалува континуирано како резултат на превентивната функција на извршувањето. Споредено со бројот на население и економската моќ на државата ние сме и под европскиот, но и под регионалниот просек.
ПРЕС24: Имате ли анализи на тие предмети, на што се должи таа ситуација толку многу луѓе да завршат на извршител. Станува збор за неодговорност на граѓаните кон своите долгови, на економска криза, на што?
ПЕТРЕСКИ: Холандија е една од најразвиените Европски држави и секоја година само по основ на неплатено здравствено осигурување на извршител завршуваат помеѓу 300 и 500 000 граѓани. Во Европа извршителите постојат повеќе од 200 години, но еве и ден денес има огромен број предмети и исто така огромен број на извршители кои работат, пример во Франција има 3 000 извршители.
ПРЕС24: Што е полесно да се наплати како долг, од физички лица или од правни?
ПЕТРЕСКИ: Нема правило, се зависи од имотната состојба на должникот. Доколку фирмата односно правното лице солидно работи внимава да не дојде до извршување, но и да се случи тоа долгот се наплаќа брзо. Доколку ситуацијата е обратна и правното лице не работи и не создава нови приходи можноста да се наплати е помала. Истото важи и за физичките лица.