Одлука на Уставен суд на РСМ
5. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија,
владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во
слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и
социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената
положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да
бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е
должен да ги почитува Уставот и законите.
Во согласност со член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не
може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера,
национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна
Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според членот 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата
според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која
гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став
1). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука
донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со
друг закон поинаку не е определено (став 2). Одредбите на овој закон се применуваат и
врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со
закон (став 3). Одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и на
воздухоплов (став 4).