СЕМИНАР НА ИЗВРШИТЕЛИ: Eксперти од регионов дебатираа на теми од областа на извршувањето
Јаневски појасни дека ова средство, познато уште и како фидуцијарен пренос на правото на сопственост или пренос на права, првпат е воведено во македонскиот правен систем со измените и дополнувањата на Законот за извршната постапка (ЗИП) од 1997 година и целта е да можат да се обезбедат како парични, така и непарични побарувања.
„Обезбедувањето се остварува на начин што едната или двете странки, односно доверителот и/или должникот можат да бараат од судот да определи рочиште на кое во записник ќе ја внесе спогодбата на странките за обезбедување на побарувања на доверителот, при што должникот му ја пренесува сопственоста на некој предмет на доверителот, така што предметот, ако поинаку не е договорено, останува и понатаму во владение на должникот или за таа цел должникот на доверителот му пренесува некое право“, посочи универзитетскиот професор и додаде дека вакво обезбедување наместо должникот, може да даде и некое трето лице кое не е и должник на побарувањето.
Ако доверителот го отуѓи или оптовари предметот, како што истакна проф. д-р Јаневски, иако тоа не смеел да го стори, таквото отуѓување или оптоварување не произведува правно дејство и доверителот ќе му одговара на должникот за штетата која со тоа му е причинета. Нагласува дека посебно внимание заслужува прашањето, дали овој вид на обезбедување е од акцесорна природа во однос на побарувањето кое се обезбедува.