СЕМИНАР НА ИЗВРШИТЕЛИ: Eксперти од регионов дебатираа на теми од областа на извршувањето
Трешњев истакна дека системот на извршување со посредство на извршители како можност во Србија е воведен со Законот за извршување и обезбедување од 2011 година согласно кој првите извршители должноста почнаа да ја вршат во мај 2012 година.
Појасни дека во Србија постои паралелен систем на извршување – преку суд или преку извршител, односно по избор на доверителот.
За разлика од македонските законски решенија кои предвидуваат дека нотарот носи решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, во Србија, каде нотарската служа се очекува да биде воведена од 1 септември годинава, самиот извршител го издава решението.
„Извршителите се исклучиво надлежни за наплата на побарувањата настанати од комунални услуги и слично. Во таа, посебна постапка, извршителите носат решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа и ја спроведуваат постапката до нејзиното завршување. Само во случај ако должникот поднесе приговор, предметот заедно со приговорот се доставува до судот на одлучување. Во поглед на останатите побарувања, кои се утврдени во извршна исправа или кои се засноваат на веродостојна исправа, решението за извршување го носи судот, а извршителот само го спроведува извршувањето.“, рече претседателката на Комората на извршители на Србија.
Во овој момент во Србија се именувани 130 извршители, а предвидени 334 извршителски места. Законот за извршување предвидува еден извршител на 25.000 жители.
Според Трешњев, првите резултати од извршувањето покажале значајно скратување на траењето на постапката, како и висок процент на наплата на побарување.
Злоупотреба на правата на странките во извршувањето – прашање на маргините на научното истражување
Учесниците имаа прилика да го слушнат и излагањето на проф. д-р Гордана Станковиќ од Правниот факултет во Ниш на темата „Злоупотреба на правата на странките во извршувањето“.
Универзитетската професорка потренцираше дека токму злоупотребата на процесните овластувања во постапката на извршување, како дел на извршната постапка, претставува правно прашање кое до сега не предизвикало посебен интерес во стручната литература, поради што истото се наоѓа на маргините на научното истражување и обработка.
„Поради својата природа и значење, ова прашање можеби и треба да го привлече вниманието и на цивилистите и на процесуалистите бидејќи станува збор за проблем кој задира во две гранки на правото. Исто така, ова прашање е несомнено значајно и за самата постапка на извршување во праксата бидејќи истото претставува асоцијална појава која и извршниот суд и приватните извршители треба, во рамките на своите законски овластувања да ја откријат, спречат и санкционираат“, истакна таа.
Станковиќ укажа дека злоупотребата на процесните овластувања во постапката на извршување, извршителите треба да ја спречат не само кога го спроведуваат извршувањето, туку и кога го определуваат извршувањето на побарувањата кои се настанати при давање на комуналните услуги.
Според Станковиќ на теренот на извршната постапка, злоупотребата на процесните овластувања воглавно се јавува во фазата на спроведување на извршувањето и е насочена кон пролонгирање на принудната реализација на правото на извршниот доверител. Сигурен знак за утврдување на евентуалната злоупотреба, како што нагласи во својата презентација, е секогаш недостатокот на оправдан правен интерес.
„Во судската практика се воочени голем број на случаеви на злоупотреба на процесните овластувања, без оглед на тоа што многу од нив и останаа непознати на пошироката стручна јавност или што останаа без соодветна санкција. Современите законски решенија во Законот за извршување и обезбедување на Република Србија, во согласност со препораката на Советот на Европа, се мотивирани со настојувањето да се оствари ефикасност, делотоврност и правичност на извршувањето како составен дел на човековото право на правично судење во разумен рок“, заклучи проф. д-р Станковиќ.
Меѓу другото, во рамки на настанот, од страна на претставниците на Комората на извршители на Србија беше врачена благодарница на КИРМ за донацијата која македонските извршители ја дадоа на најзагрозените од поплавите во Србија.