Средба на министерот за правда, д-р Никола Тупанчески со Претседателот на Комората на извршители, Ванчо Марковски
Министерот за правда, д-р Никола Тупанчески, ја посети Комората на извршители на Република Северна Македонија и оствари работна средба со Претседателот Ванчо Марковски.
На средбата се разговараше за зацврстување на соработката на Министерството и Комората, во правец на понатамошен развој, унапредување и модернизирање на коцептот на присилното извршување во државата преку системот на извршителите како носители на јавни овластувања.
Министерството за правда го следи будно и континуирано системот на присилното извршување, кој функционира и овозможува брза реализација на извршните исправи, реализација на правото што овозможува правна сигурност,, а правната сигурност е најважниот аспект на владеењето на правото. Позитивните резултати од новиот систем на извршување се забележани, како дома така и од меѓународната заедница и нивните институции, кои даваат поволни оценки за сферата на присилното извршување на извршните исправи во Република Северна Македонија.
Беше разговарано и предизвиците со кои се соочуваат Комората и извршителите особено во сферата на електронското поврзување со институциите заради побрзо прибирање на податоци потребни за поефикасно извршување, измена на законското решение, но и на други законски решенија кои влијаат на текот на извршувањето. Особено беше нагласен аспектот на проценките на подвижните ствари и недвижностите, како клучен сегмент за утврдување на реалната вредност на предметот на извршување, што е во интерес не само на доверителот, туку и на должникот во постапката.
Министерот за правда укажа дека во министерството веќе е во тек подготовка на законско решение во правец на надминување на недореченостите на кои укажа досегашната пракса, како и за другите теми кои тековно произлегуваат од секојдневното вршење на извршувањето. Министерот за правда ја изрази својата загриженост од фактот дека на распишаните конкурси за испразнети извршителски места извесен период не се јавуваат кандидати, како и дека е намален бројот на лица кои се јавуваат да го полагаат извршителскиот испит, што укажува на сериозно намален интерес за вршење на професијата, и изјави спремност да се лоцираат причините за ваквата состојба и да се изнајдат решенија за надминување на ваквата состојба, со уверување дека продолжува досегашната соработка во насока на градење на помодерен и поквалитетен систем за извршување, кој ќе биде во јавен интерес и ќе ја чува професијата извршител.
Извор: Министерство за правда
https://www.pravda.gov.mk/vest/6287
Pages: 1 2